Во мојот труд Европски вредности и култура на квалитет, презентиран на научниот собир Емиграцијата во европските земји: социо-економски, историски, организациони и културни аспекти, одржан во Струга на 20-21 октомври 2005, го изнесов своето мислење околу состојбата во Македонија (во тоа време): Македонија е “центар на светот“! Тоа е првиот впечаток што се добива кога се дојде во Македонија по престој во некоја од развиените земји, а врз основа на написите во дневниот печат и информациите од телевизиите. Се чини дека нејзините проблеми го преокупираат вниманието на сета меѓународна јавност. Меѓутоа, гледано од надвор, ситуацијата е сосем поинаква. Македонија е многу ретка тема во странските медиуми, а кога ја има – во најголем број случаи – поводот е некоја непријатност. Да се разбереме, не се работи за тоа дека некој не потценува и омаловажува, туку, едноставно, луѓето (и државите) се преокупирани со своите проблеми. Времето и енергијата ги насочуваат кон активностите од кои се живее – кон економијата, технологијата, квалитетот на животот и одржливиот развој.”
За жал, најголемиот број на овие процеси и промени останаа практично незабележани во Македонија, иако најголемиот дел од нив се одвиваа во времето кога беше воспоставена сувереноста и самостојноста на државата. Оптоварени со “оперативни” и дневно-политички проблеми, немавме време да размислиме за суштината на проблемот, а уште помалку да го обмислиме начинот на неговото решение. Времето – тој единствен и ненадоместлив ресурс, си врвеше. А тоа е, како вели Claus Moller, познат гуру на квалитетот, најдемократски расподелениот ресурс на светот: „Секој од нас, секој ден, има 24 саати под своја команда. Секој ден, секоја недела, секој месец, секоја година, сите ние имаме ист износ на време на располагање. Меѓутоа, начинот на неговото користење е сосема различен.”
Последниве месеци Македонија како вистински да станува “центар на светот”. Овој пат, сведоци сме на нешто што, само пред една година, не можевме ни да го замислиме. Во Македонија доаѓаат политички личности и државници од сите Западни држави, за да ни изразат поддршка на еден чин, кој според нивното мислење, тоа го заслужува. Прв пат чувствуваме дека го постигнавме тоа што генерации го сонуваа – да имаме толкава меѓународна поддршка за спроведување на некоја наша политика. Се наоѓаме пред една од најголемите демократски форми на изразување на мислењето на граѓаните – референдумското изјаснување за иднината на државата. Мојот став за ова прашање го изнесов на 22.07.2018 година (комплетниот текст може да се најде на мојот блог https://galeb.org). Во оваа прилика сакам да укажам на некои работи кои, по мое мислење, не би смееле да пропуштиме да ги направиме, бидејќи се работи за генерациите кои доаѓаат. Или, како што вели еден од мудрите индијански поглавици: Земјата не сме ја наследиле од нашите претци, туку ја позајмивме од нашите потомци. Во тој контекст, ќе наведам неколку примери.
Бев мал, поточно имав 8-9 години, ама добро се сеќавам на зборовите на еден постар човек – за мене беше “дедо”, кој со сите сили ја убедуваше мајка ми и нејзините другарки (Лена, Љуба, Шена) да “земат југословенско државјанство”, оти така ќе си помогнат не само на себе туку и на децата. Мајките беа упорно против, бидејќи мислеа дека со тоа “ќе се врзат” за оваа држава во која се наоѓаат привремено и дека никогаш повеќе не ќе можат да се вратат во својот дом во Баница. А дедото упорно се трудеше да ги убеди: “Море, будали жени! Сум имал и турско и грчко и американско државјанство, а сега имам и тукашно, а ако дојде време да се вратиме – никој нема да ме задржи.” Советите на дедото не помогнаа – жените останаа “будали”. Во Скопје проживеавме три години во бараките под Калето, во услови поради кои два пати, по есен месец, бев во болница. Државјанството го “земавме” неколку години подоцна – кога татко ми се врати од СССР. Моите браќа и јас имавме разбирање за противењето на мајка ми “да земе југословенско државјанство”. Такви беа времињата!
Во средината на 1979 година, со група вработени од воздухопловниот завод “Орао” од Сараево, бевме во стручна посета во компјутерскиот центар во Rollse-Royce – Bristol Engine Division, во траење од една недела. Во групата бевме шесторица, меѓу кои и Младен Ќук, помошник на директорот за економско-финансиски прашања. Имавме прилика да се запознаеме со комплетниот процес на управување со производството во фирма која се бави со производство на авионски мотори. Бевме одушевени од луѓето кои беа одредени да работат со нас – вистински професионалци во својата струка. Секој од нас имаше свои импресии и размислувања, што на крајот на денот, во вечерните саати, ги разменувавме меѓусебно. Вечерта, после третиот ден на обука, ја немаше вообичаената дискусија и размена на мислење – се чувствуваше некој „замор на материјалот“. Амбиентот беше тмурен, песимистички. Претпоставував дека и другите, како и јас, размислуваат за тоа што се не чека кога ќе се вратиме дома. Меѓутоа, дискусијата која ја започна Ќук, работата ја сврте во неочекувана насока. Почна со прашањето: „Што ќе ни е сето ова?“, и продолжи со констатацијата: „Ние ова немаме шанси да го постигнеме ни за сто години“ и со други „незгодни“ размислувања. Си легнав со горко чувство дека од оваа посета наместо очекуваната полза – ќе имаме неочекувана штета. Цела ноќ размислував како да ја поправам ситуацијата – ни остануваат уште два дена за интензивно „купување“ на скапоцено знаење. Со Ќук се познававме многу добро. Ја ценев неговата истрајност и спремност за учење (дипломира и магистрира на Економски факултет паралелно со редовната работа во Заводот), а ги почитував и неговите години (беше 20 години постар од мене). Пред извесно време доби уште една важна „титула“ – стана дедо – го доби својот прв внук. Секогаш и со посебно задоволство зборуваше за него, а бидејќи никој од нас не можеше да го сфати тоа ново чувство, често се шегувавме на негова сметка. Овој пат внучето на Младен ја „спаси“ ситуацијата. Утредента, за време на доручекот, го прекинав молчењето, што сеуште траеше по дискусијата од претходната вечер: „Го пронајдов одговорот на синоќешните прашања“ – му се обратив на Ќук. Тој ме погледна зачудено, а јас продолжив. „Ние ова мораме да го направиме поради твоето внуче! Ако ние ова не го направиме сега – твојот внук, подоцна, ќе нема никакви шанси!“ Мојата „провокација“ успеа. Почнавме да ги бараме нашите шанси, без да се оптоваруваме споредувајќи се со моќниот Rollse-Royce, каде што првите компјутери беа инсталирани уште во 1954-та година. Оптимизмот ни се врати, а со тоа и работниот елан.
Во октомври 2003-та година (точно пред 15 години), враќајќи се со авион од едно патување во Барцелона, до нас (мене и сопругата) седна еден постар, љубезен човек, за кого дознавме дека е од Холандија и со кого многу брзо воспоствивме контакт. Доста патувал низ светот и покажуваше голем интерес за многу работи – од историјата, културата и спортот – до политиката. Кога разбра од каде сме, не изненади со доброто познавање и на нашата ситуација, а во врска со нашите намери за влегувањето во ЕУ рече: “О, да, на добар сте пат. Ако така продолжите, за 10-12 години би можеле да станете членка.” Воопшто не ни се допадна таа негова прогноза, дури уште долго време потоа бевме лути на скептичниот “чичко”. Бевме убедени дека ние, тоа ќе го постигнеме многу побрзо. За жал, “чичкото” беше во право!
По сплет на околности, во периодот од 1995 до 2001 година, живеев и работев во Словенија и имав прилика лично да се вклучам во дел од процесите кои се случуваа на нејзиниот пат кон ЕУ. Од тие причини, на одреден начин, се чувствувам “повикан” да изнесам некои споредувања со словенечките искуства, кои би можеле да бидат релевантни и за Македонија. Пред се, кога се работи за подготвеноста на државата за влез во европските интеграции, со доволна точност можам да проценам дека недостатоците кои се во овој момент присутни во Македонија, Словенија ги имаше веќе разрешено во текот на 1996 година. Приемот во полноправно членство во ЕУ се случи дури по осум години!
Каков заклучок, од наведените примери, може да се извлече за Македонија? Сигурно не дека некој не “мрaзи“ или “не не сака“. Мораме да бидеме свесни дека никој не сака да се дружи со некој кој стално се жали, кука и бара оправдување однадвор за своите проблеми. Мораме да се соочиме со вистината дека и сами сме виновни за нашата ситуација, што е основен предуслов за да направиме нешто конкретно и корисно. Потребно е да се ослободиме од стравот, од непотребната политизација на проблемите. Во нашето плебисцитарно определување кон Европа како стратегиска цел, неопходно е да се користат сите европски идеи, искуства, принципи, модели и стандарди на однесување, но со креативна примена во сопствената средина. За тоа не е доволно само желба, туку и огромна волја тоа да се постигне и знаење кое треба да го “купуваме” од понапредните.
Најмногу ќе ни недостасуваат луѓе кои треба да се подготват за процесите што не очекуваат. Ние сме мала држава, со скромни ресурси, а работата која не очекува на патот кон “подобрата иднина” е огромна. Затоа, не смееме да си го допуштиме луксузот на понатамошни делби. Секоја од поранешните социјалистички земји која стана член на ЕУ, имаше постигнато концензус меѓу сите политички партии по тоа прашање. Идентитетот на нашиот народ, за кој толку многу дискутираме на најдобар начин ќе го одржиме со економскиот развој, со присуството во глобалното заедништво. Бидејќи, како што вели проф. А. Драгичевиќ, “Со стопанско и општествено заостанување бледи и најгрижливо чуваниот идентитет на народот.”