По сплет на околности, живеев во повеќе градови и земји и имав можност да остварам бројни контакти со луѓе од различен профил и ниво на образование, но со извонредни резултати во својата професионална дејност. Голем број од нив, на посреден или непосреден начин, придонесоа во подобрување на мојата „спирала на знаење“. Меѓу најзаслужните за тоа е, секако, професорот Никола Узунов, еден од најпознатите македонски економисти, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Професорот Узунов го запознав во почетокот на деведесеттите години, кога нашата фирма ЦОПИС од Сараево почна со инензивни активности во Македонија. Тоа се случи на IX Симпозиум за квалитативните фактори на стопанисување одржан 1991 година. При запознавањето д-р. Благоја Наневски од Економскиот институт во Скопје ме претстави како „Егеец од Сараево“, на што професорот реагираше прилично изненадено со прашањето: „Од каде Вие во Сараево?“ „Малку не има, ама добро сме распоредени! “ – беше мојот одговор.
Нашето познанство се продлабочи следните години, кога поради војната во Босна и Херцеговина боравев во Македонија и ја формиравме фирмата ЦОПИС-НТ. На еден од соосновачите, претпријатието „Никола Тесла“, директор беше неговиот син Симеон Узунов, така да професорот Узунов имаше можност индиректно да ги следи нашите обиди за преживување во Македонија.
Непосредно после тоа со внимание го слушав неговото излагање на научното советување одржано во МАНУ на тема: „Економската наука и стопанскиот развој на Македонија“. Неговите ставови ми беа доста блиски, така што имавме прилика накратко да продискутираме и размениме мислење за оваа актуелна проблематика. Во еден момент го спомнав професорот Адолф Драгичевиќ, кој кратко престојуваше во Македонија, кадешто имаше семинар за македонски фирми. Сфатив дека професорот Узунов многу го цени професорот Драгичевиќ, со кого провел извесно време на специјализација во странство. Му беше искрено жал за пропуштената прилика да се сретнат. Му кажав за неговата најнова книга „Сутон социјализма – крај масовног друштва“, а неколку дена потоа и му го подарив примерокот кој го имав кај себе.
Нашите контакти и разговори станаа почести во текот на подготовката и по одржувањето на акцијата „Во потрага по алката што недостасува“. Беше еден од најголемите поддржувачи на таа акција и, веројатно – како и јас, очекуваше дека од неа ќе произлезат одредени позитивни резултати.
Нова прилика за подобро да се запознам со ставовите на професорот Узунов ми се укажа во текот на X Симпозиум за квалитативните фактори на стопанисување, кој се одржа во јуни 1993 година во Струга. Темата беше исклучително актуелна: „Перспективите на стопанскиот развој во периодот на транзиција и улогата на државата“. Учесници беа најпознатите личности од политиката и науката од Македонија и од странство, а воведно излагање имаше претседателот на Република Македонија Киро Глигоров. Тој во 40-минутно излагање ги изнесе неговите ставови и погледи во врска со процесите за демократска преобразба на општеството, како наша стратешка ориентација наречена „Европска опција“ и укажа на проблемите кои ни претстојат во реализација на таквата опција: „Ориентација е едно, а процесот е друго. Десет до петнаесет години не е некое преголемо време за прилагодување“.
Симпозиумот продолжи со излагањето на професорот Узунов. Неговите аналитички оценки за состојбата во македонското стопанство беа јасни, конкретни и доста критични. Се залагаше за „позитивна“, а не за „нормативна“ економија: „Нема да се излезе од кризата ако продолжиме со таквото ‚нормативно’ размислување.“ Зборуваше за карактеристиките на економската политика на државата: „На стопанството не му треба идеологија. Клучната карактеристика на економската политика треба да е дерегулацијата – без тоа нема транзиција. Пазарот е нерегулиран и – успешен. Да беше регулиран – ќе беше неуспешен!“ Зборувјќи за функцијата на државата во процесот на транзиција го цитираше Томас Џеферсон: „Најдобра е таа влада која најмалку владее“, додавајќи дека „Успешна е умешната политика, а умешност значи резултат.“
Еден месец по одржувањето на Симпозиумот во Струга, професорот Узунов ме покани на разговор во неговиот кабинет во МАНУ. Разговаравме за состојбата во фирмата ЦОПИС-НТ и се интересираше за тоа што сега преземаме. Му ги набројав сите наши обиди, ама многу труд – а мали резултати. Во тој разговор, кој траеше околу пет часа, ми предложи да размислам за можноста да пријавам тези за докторат на Економскиот факултет во Скопје. Разговорот го продолживме следниот месец кога му ги изнесов своите размислувања и предложив неколку теми кои ми се чинеа интересни за Македонија. Професорот, како и секогаш, стрпливо ги сослуша моите предлози и образложенија, но ниеден не му се допадна, туку го изнесе неговиот предлог: „Преструктурирање на големите индустриски претпријатија во стопанството на Македонија“. Темата треба да ја поднесам на катедрата за Деловна економија, а тој би ми бил ментор. Следните неколку месеци бев посветен на изработка на докторските тези, така да со професорот Узунов минавме доста време во размена на мислењата за ситуацијата во Македонија, како и за очекуваниот придонес на мојот докторат.
Навистина ми е жал што заради некои административно-бирократски работи морав да ја прекинам изработката на дисертацијата. Меѓутоа, менторството на професорот Узунов, особено неговата длабока убеденост дека „високата наука“ мора да се докажува во непосредната практика, ми го осветли патот кон научноистражувачката дејност и ми помогна во барање задоволувачки одговори на голем број проблеми со кои се соочуваат стопанствата нa поранешните социјалистички земји.
Мојата соработка со професорот Узунов не беше прекината. Кон крајот на 1994 година МАНУ организираше Научнен собир под назив: „Економска транзиција – состојба, проблеми, перспективи“. Организациониот одбор на Нучниот собир го сочинуваа академик Ксенте Богоев (претседател), академик Никола Узунов, академик Никола Кљусев, проф д-р Аритон Жиков, проф. д-р Ѓорѓи Чепујноски и проф. д-р Таки Фити. Секој од нив беше носител на една од шесте Програмски целини. Академик Узунов беше носител на програмската целина Системска трансформација во која, на негов предлог, бев вклучен и јас. Насловот на мојата тема гласеше: Приспособеноста на претпријатијата за успешна трансформација.
На собирот беа изложени 20-тина реферати од домашни автори од областа на науката и делумно од стопанството. Покрај тоа, на крајот на сесијата, еминентни странски научници, како академик Александар Бајт од Словенечката академија на науките и уметностите и други, ги изложија искуствата на нивните земји во процесот на транзиција. Темата на академик Узунов гласеше: Транзицијата на економскиот систем како комплексен процес. Зборуваше за транзицијата како премин од еден економски систем во друг; за разните пристапи во следењето на транзицијата; за контраверзните расправи во светот; за специфичностите на транзицијата во Македонија и можните стратегии за успешно решавање на проблемите со кои се соочува земјата.
Интересни беа неговите размислувања во врска со транзицијата кон слободниот пазар и интеграцијата со стопанствата на соседните земји, па и поширокиот регион на Балканот: „За таква оријентација и политиката дефинирана со синтагмата 'еквидистанција' ќе треба да се замени со 'еквиполенција', или уште подобро со 'еднакво приближување'“. Своето излагање го заврши со заклучоци засновани на искуствата на Чешка, како земја која успешно ја спроведува транзицијата, наведувајќи ги „Десетте заповеди“ на Вацлав Клаус, претседателот на Владата.
По повод 85-тиот роденден на Питер Дракер, во декември 1994 година во Скопје беше организирана Тркалезна маса на тема: „Питер Дракер – визионер и творец". Одржувањето на Тркалезната маса беше мојата последна активност во Македонија пред заминувањето во Словенија, а професорот Узунов, активно работеше во нејзината подготовка. Тој, во аналитичкото објаснување на потребата од поврзувањето на науката со конкретната практика, зборуваше за уште еден аспект на творештвото на Дракер: „Дракер не пишувал само за претпријатија и корпорации, туку и за општеството, и тоа е една од неговите величини." Образложувајќи го поконкретно ваквото мислење, се осврна и на актуелните процеси кои се случуваат во Македонија: „Приватизацијата сама по себе не може ништо да донесе ако не се промени начинот на управувањето со претпријатијата. А за тоа се потребни и многу знаења и исполнување на низа квалитативни фактори“.
Контактите со професорот Узунов продолжија и по моето одење во Словенија. При секое доаѓање во Скопје редовно му се јавував, а најчесто се сретнувавме во пријатниот амбиент на ресторанот „Роза“, кај печатницата Нова Македонија. Се интересираше за ситуацијата во Словенија, бидејќи сметаше дека тоа е држава од која Македонија може многу да научи. Му беше искрено драго што таму ја препознаа мојата „употребна вредност“. Последен пат се видовме на 27 септември 2005 година, кога ми ја подари неговата најнова книга „Стопанството на Република Македонија 1945-1990“.
Никола Узунов – основни биографски податоци
Роден е во 1930 година во с. Емборе, Егејска Македонија. Основното образование го завршил во Солун, средното во Скопје, а економски факултет во Загреб, 1953 година. По дипломирањето е избран за асистент на Економскиот факултет во Скопје по предметот Економика на индустријата. Докторирал 1959 година на Економскиот факултет во Белград, а непосредно потоа една година престојува на специјализација на Универзитетот во Нешвил во САД. Од 1960, како доцент, го предава предметот Економика на СФРЈ на Економскиот факултет во Скопје, а во исто време и предметот Економска политика на СФРЈ на Правниот факултет во Скопје. Во 1966 година е избран во звањето вонреден професор, а во 1972 година станува редовен професор на Економскиот факултет во Скопје. Во учебната 1975/1976 година е визитинг-професор на Калифорнискиот универзитет во градот Чико, САД.
Во времето од 1972 до 1974 година го раководи Одделението за научноистражувачка работа на Економскиот факултет во Скопје, а од 1973 до 1975 година е делегат на Југославија во Меѓународната група за политика во областа на општествените науки при ОЕЦД. Од 1977 година го предава и предметот Современи економски системи. Во тоа време (1977 – 1979) бил декан на Економскиот факултет во Скопје.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1979, а за редовен во 1986 година. Во периодот од 1992 до 1999 година бил секретар на Одделението за општествени науки при МАНУ. Функцијата претседател на Сенатот на Универзитетот „Св, Кирил и Методиј“ во Скопје ја извршувал од 1998 до 2000 година.
Никола Узунов имал високи политички позиции во Социјалистичка Република Македонија. Бил член на Извршниот совет (1967-1971) и член на експертски економски совети на владите на СРМ и СФРЈ во 1980-тите години.
Научната тематика што ја обработува е богата и разновидна – од испитувањето на економските аспекти на индустријализацијата на СР Македонија и структурните проблеми во индустрискиот и регионалниот економски развој, до истражувањата на стопанскиот систем и економската политика, навлегувајќи во компаративна анализа на економските системи што постајат во светот.
Опусот на научните трудови на академик Узунов е огромен. Посебно внимание побудуваат книгите: „Индустриските центри и реони во СР Македонија“ (1970), „Применета економија на СФРЈ“ (1985, коавтор Ангел Георгиев), „Современите економски системи – Економска анализа на современиот свет“ (1986); „Англиско-македонски и Македонско-англиски економски и бизнис речник“ (1994, коавтор Лилјана Стефановиќ Анческа), „Современи економски системи и глобализацијата“ (2000, коавтор Љубица Костовска), „Стопанството на Република Македонија 1945-1990“ (2001).
Академик Никола Узунов е носител на многу награди и признанија. Покрај другите добитник е и на највисоката награда за вонредни придонеси во науката и културата на Македонија “11 Октомври”.
Почина на 2 ноември 2010 година во Скопје.