Во еден напис објавен на 28.09.2005 година во весникот “Време“ под наслов “Време за отрезнување“, а по повод реакциите во Македонија по неуспешниот прием во НАТО, помеѓу другото напишав: “Во атмосфера набиена со емоции, тешко e да се дадат некои објективни погледи врз постојната состојба, без одреден ризик од погрешни тумачења и понатамошна политизација. А без таков “поглед во огледало“, мали ни се шансите за превземање одредени активности насочени кон надминување на сегашната состојба“. Ваквото мислење во потполност важи и за сегашната актуелна состојба кај нас, односно реакциите предизвикани по потпишувањето на Договорот со Грција во врска со “спорот за името“.
Дел сум од народот кој најдиректно ги почуствувал последиците од Граѓанската војна во Грција. Трагедија на секоја војна се бегалците. Војните почнуваат и завршуваат, а нивните трауми остануваат до крајот на животот, а некои се пренесуваат и на поколенијата. Роден сум во Баница – Егејска Македонија (како што ми пишуваше на школските свидителства до завршувањето на седмо одделение), односно Грција (како ми пишуваше после тоа). Во сегашниот (македонски) пасош (издаден 2011 година) ми го снема и родното место – остана само Грција. Веќе подолго време живеам во Австрија, па често се наоѓам во непријатна ситуација да објаснувам зошто во мојот пасош го немам тој важен податок. Од правно-административен аспект – мојот пасош е неважечки! За среќа, првата пријава во Австрија ми беше со стариот пасош, каде сеуште фигурираше името Баница. Апатрид ме направија Грците – со посебна резолуција, а родното место ми го одзедоа “нашите“ – без никаква резолуција.
Прв пат (со пасош на СФРЈ) бев во Баница (Веви) во август 1987 година (на 40-та годишнина од нашето протерување). Бев премал за да запамтам нешто од тешките времиња за кои ми кажуваше мајка ми. За присилното менување на имињата, за забраната да се зборува на мајчин (македонски) јазик, за бруталното протерување на мајка ми со нас тројцата браќа. Нашата вина беше што татко ми, бранејќи го своето човечко достоинство – заедно со многумина од селото – одлучи да се спротистави на таквиот терор.
Посетата на моето родно место ми помина како во некој сон. Среќа што со мене беа сопругата и децата кои ми помогнаа да се снајдам во средбата со моите корени. Се трудев да слушам, гледам и правам фотографии како би пренел дел од атмосферата на мајка ми. Нејзе ја интересираа сите детали: Како изгледа куќата? Со кого се сретнавме? Постои ли уште чешмата на средсело? Посебно ја израдува една дуња (дунката – како таа велеше) што ја донесовме од дрвото кое го засадила кога ја граделе куќата и која сеуште дава плодови. Моите родители не доживееја уште еднаш да го видат своето родно место, ниту да присуствуваат на последното испраќање на своите родители и најблиски. Татко ми, кој ги преживеа битките на Вич и Грамос, политиката го однесе во Ташкент, од каде се врати во Македонија во октомври 1956 година. Почина десетина години пред мојата посета на Баница, а мајка ми десетина години по посетата. Убеден сум дека и во последните мигови на животот во мислите им беа спомените за нивната Баница, а во градите болката за неостварениот сон – уште еднаш да ја видат. Виновници за тоа беа, се разбира, Грците!
Мене животот ме носеше на различни места. Најраното детство го поминав во Војводина, а најголемиот дел од животот во Сараево, каде уште еднаш ја доживеав судбината на бегалец. Секаде се чуствував како дома, трудејќи се да бидам почитуван како човек, без страв дека ќе го изгубам својот (македонски) јазик и идентитет. И децата, родени во Сараево, го зборуваат македонскиот јазик исто како и внуците – родени во Хонг Конг и Виена.
Немам ништо против емотивните реакции кои ги изразуваат поединци во врска со начинот на решавање на долгогодишниот спор со нашиот јужен сосед. Напротив! Секој од нас Егејците во себе носи голем дел на слични емоции, кои лесно можат да избувнат и уште полесно да бидат предмет на манипулација. Таква потенцијална опасност носи и начинот на кои се води расправата во Македонија по повод потпишувањето на Договорот со Грција. Се работи, навистина, за многу важна и сензитивна материја, па чуствувам потреба да го изнесам и накратко образложам својот став.
Договорот, по мое мислење, претставува писмено признание дека постоиме од оние кои досега тоа го негираа. Затоа, и покрај сите мои скриени трауми и јавно изразени емоции, давам поддршка на постигнатото решение. Не поради тоа што Договорот ќе ми го одбрани мојот идентитет – бидејќи идентитетот не може да се промени со никаков документ, ама ќе ме растерети од некои “прозаични“ проблеми за кои пишував на почетокот.
Прво, не сум среќен што мораме да го менуваме името на нашата држава од едноставна причина што тоа не беше наш доброволен избор туку насушна потреба, односно компромис за да излеземе од оваа непријатна пат-позиција во која се наоѓаме толку долго.
Второ, сметам дека нашите преговарачи постигнаа реален максимум во овие преговори, водејќи ги на високо професионално ниво, со искрена намера да придонесат во изнаоѓањето на “взаемно прифатливо решение“.
Трето, значителен придонес за успех на преговорите даде и грчката страна, превземајќи го на себе ризикот за опстанок на власт. Верувам дека и таму почнува да преовладува свеста за апсурдноста на долгогодишниот спор. Тоа е нивна обврска кон славните претци Аристотел, Сократ, Платон и други, кои го задолжија светот со своите безвременски дела.
Четврто, мислам дека треба исклучително да се цени тоа што македонската Влада останува на дадениот збор – конечната одлука ќе ја донесе народот на референдум, што претставува најголем чин на непосредна демократија. Верувам дека мудроста на народот ќе биде посилна од тесно-партиските интереси, бидејќи процесите на европските интеграции се многу подолги од еден изборен мандат.
Петто, сметам дека секој има право да го изнесе и образложи своето мислење, нудејќи соодветни аргументи во прилог на својот став. Меѓутоа, никој нема право оние кои не се согласуваат со нивното мислење да ги прогласува за предавници, непријатели на народот и државата. Патриотизмот не се брани со навреди, етикетирања и други погрдни зборови.
Европа, и покрај тешкотиите со кои се соочува, го продолжува својот пат на обединување. Таа идеја – поврзување и обединување – ние најпрвин мораме да ја реализираме кај себе, ако навистина сакаме еден ден да станеме дел од обединета Европа. Во Европа не се влегува со зборови, со политика на чекање, туку со конкретни, обмислени и храбри акции насочени кон разрешување на воочените проблеми. Само на таков начин, чекор по чекор, комуницирајќи со “европски јазик“, Европа многу повеќе ќе биде заинтересирана да не поддржи во нашите настојувања. Во остварувањето на таа наша стратегиска цел, неопходно е да се ослободиме од нерационалното трошење на времето и човечкиот капитал. Реализацијата на договореното е долг и напорен процес, кој бара исклучителна енергија, интердисциплинарни знаења, голема упорност, силен мотив и неподелена одговорност.
Во тој правец oдат промените во светот – изградување на општество / организација кое се темели врз одговорноста. Тоа значи дека секој член сноси одговорност за целите на организацијата, за соработка, но, истотака, и за своето однесување.
Неколку години живеев и работев во Словенија. На честите прашања од пријателите што ми остави најголем впечаток за време на мојот престој таму, одговорав дека тоа е една граматичка форма во словенечкиот јазик. Имено, словенечкиот јазик е еден од ретките во кои, покрај еднина и множина – постои и двојина, односно не само ЈА (јас) и МИ (ние), туку и МИДВА (ниедвајца). Како полнолетен, најголем број од одлуките во животот сум ги донел користејќи еднина (јас), а покасно – со мојата сопруга – двојина (ниедвајца). Добро размислувам за тоа со кого и во кој случај ќе користам множина (ние), трудејќи се да не бидам предмет на можна манипулација. Во таа смисла, искрено го ценам секое лично мислење, без разлика дали тоа ми се допаѓа или не.