По сила на приликите, а во доста случаи и по сопствен избор, сум живеел во неколку држави и десетина градови во Европа. Никогаш не сум имал некоја посебна потреба да го истакнувам моето (македонско) потекло, а уште помалку тоа да го прикривам. Малку на шега, а всушност доста сериозно, велам дека секој човек е одговорен само за тоа што сам одлучил да биде, да направи или избере, напр. професијата, брачниот партнер, место на живеење, пријатели исл. Во таа категорија (слобода на избор) никако не спаѓа националноста. Меѓутоа, како и на секој човек, особено кога е подалеку од татковината (патриотизмот расте право пропорционално со оддалеченоста од дома!), ми причинува задоволство кога ќе слушнам нешто убаво, односно некое достигнување за или од Македонија во кое било подрачје. Поради природата на работата имав прилика да воспоставам многубројни контакти со различни луѓе, од кои значителен број не биле во Македонија или површно ја познавале. Можеби затоа, некако во потсвеста, ми беше врежано чувството (и одговорноста) дека тие луѓе преку мене ја добиваат својата претстава за Македонија и Македонците. Ми се чини дека во најголемиот број случаи сликата што ја добиле беше позитивна: се работи за мирен, вреден, штедлив, музикален и гостољубив народ. Најдобра потврда за тоа се големиот број на воспоставени пријателства кои сеуште траат. И, навистина, ми беше драго и, да бидам искрен, се чувствував ГОРД поради тоа.
Можам да речам дека сум имал прилика да го запознам животот не само од добрите, туку и од лошите страни – од природни непогоди (поплави, земјотреси), до општествено-политички потреси (протести, демонстрации, војни, бегалски трауми исл). Ми се чини дека успеав некако лично да ги „амортизирам“ најголемиот дел од наведените појави и проблеми иако секоја од нив остави доста тага и траги во душата. Без сомнение во тоа најмногу ми помогна сознанието дека јас лично не направив ништо што би ме довело во ситуација да се кајам, или имам грижа на совеста. Деновиве имам прилика, иако оддалеку (благодарејќи на интернетот), активно да ги следам случувањата во Македонија, односно во Собранието на Р Македонија во врска со донесувањето на Буџетот за 2013 година. Иако помина доста време од „претставата“ која ја видов во Собранието на 24.12.2012, сеуште не можам да си дојдам на себе. Зарем е можно, во втората декада на 21-от век, во мојата Македонија, во нашата „оаза на мирот“, каква успеавме да останеме во годините кога во другите делови на поранешната ни држава беснеа војни и се правеа страотни работи, да ни се случи ваков суноврат на демократијата? Не знам дали моите „амортизери“ овој пат попуштија, ама тоа што го почуствував во понеделникот и што сеуште ме држи, можам да го искажам само со зборовите: никогаш не сум се почувствувал толку ПОСРАМЕН како Македонец.
Дали човек може мирно да спие по сето она што се случи во Собранието на 24-ти декември?
Како се чувствуваат пратениците, а особено пратеничките од опозицијата, кои беа насилно исфрлени од Собранието? Збунето, изневерено, трауматично, понижено, херојски? Како човек длабоко сочувствувам со нив, а особено со пратеничките кои на таков брутален начин беа извреѓани од силните мажишта и извежбаните професионалци. Можам да си замислам, каков удар во тој момент доживуваа врз своето достоинство, како тоа делуваше на нивните фамилии… Грозно!
Како се чувствуваат колегите, а особено колешките од „позицијата“, кои беа очевидци на овој настан? Непријатно, засрамено, незаинтересирано, победнички? Зарем е возможно ама баш никој од нив да не реагира? Зарем е можно ама баш кај никого да не проработи свеста дека тоа што се прави не е в ред, или барем да реагираат инстиктивно? Зарем до таму ја доведовме работата па политичките неистомисленици во Собранието (и надвор од него) да ги третираме како вистински душмани со кои, во име на демократијата, треба да се пресметаме на ваков начин? Тие беа само неми набљудувачи кои од пратеничките клупи така „културно“ и „цивилизирано“, без возбудувања ја следеа целата операција на чистење на сцената од непожелните пратеници од опозицијата и од „очите на јавноста“ – новинарите. Што е тоа што ги кочело во намерата да реагираат како луѓе? Партиската послушност, инфериорноста или стравот? „Никој не може да ве направи инфериорен без вашиот пристанок“, вели Елеонора Рузвелт.
Очигледно е дека не се работи за обична граѓанска храброст или отсуство на елементарна култура, туку за едно потполно несфаќање на основните поставки во функционирањето на секоја парламентарна демократија. Во претставата „Донесување на буџетот“ во која пратениците требаа да бидат во главна улога, тие изврсно ја одиграа улогата на статисти, а на крајот и на публика која аплаудира на самонаметнатите главни актери! Зарем сеуште не се јасни одговорите на прашањата: Кој и кому поднесува сметки во парламентарната демократија – Владата на пратениците или обратно? Дали Собранието е прост збир на политички колективитети или на луѓе/ народни пратеници со личен интегритет? Каква порака е испратена од власта до „обичниот“ граѓанин, ако неговите избраници се така брутално исфрлени од „храмот на демократијата“?
Помина доволно време од несаканиот настан во Собранието и некои работи, без обѕир на нивните последици, треба да ги прифатиме како прилика за цивилизациско надминување на создадените проблеми. Иако не е едноставно во атмосфера набиена со емоции да се дава некој предлог без одреден ризик од погрешни тумачења и понатамошна политизација, сепак вреди да се обидеме. „Историјата не учи дека луѓето и народите почнуваат да се однесуваат мудро кога ќе ги исцрпат сите други можности“, мудро укажува Аба Ебан, поранешен министер за надворешни работи на Израел. Знам дека многумина ќе речат дека во политиката нема етика, меѓутоа, исто така знам дека без етика поразена ќе биде демократијата и слободата.
Во претходните дваесетина години работев на доста различни проекти и во Македонија, а најмногу од подрачјето на менаџментот, квалитетот и стандардите за управување со квалитет од серијата ИСО 9000. Тие што ме познаваат ја знаат и мојата дефиниција на поимот квалитет. Иаку сум инжинер по основната професија во преден план го истакнувам етичкиот а не техничкиот аспект на квалитетот. А етиката е интегрална компонента на секоја индивидуа, на секој човек, а потоа и на секоја група, организација и општеството во целина.
Како човек многу тешко би се чувствувал да сум во кожата на пратениците од позицијата па се обидувам да пронајдам некој логичен одговор на нивното однесување. Можеби биле изненадени/ затекнати од ваквата реакција на обезбедувањето, па немале време да се совземат и да реагираат? А можеби знаеле што се подготвува, па затоа нивната реакција била само „неутрална“? Се разбира дека е навистина тешко да се покаже таква храброст каква што го красеше младиот Срѓан Алексиќ од Требиње, кој пред дваесет години го положи својот живот бранејќи го својот сограѓанин, Бошњакот Ален Главовиќ, од острвените сонародници. А неговиот татко, во некрологот (смртовницата) на синот напиша: „Нашиот Срѓан трагично го заврши својот млад живот исполнувајќи ја својата човечка должност.“
Можеби и не е така тешко да се послуша советот на Томас Џеферсон: „Се надевам дека нашата мудрост ќе ја надвладее нашата моќ и ќе не научи дека ќе бидиме се посилни колку помалку ја користиме.“ Првиот чекор треба да го направат оние кои се помногубројни, односно кои ја имаат власта и моќта, а со тоа и одговорноста („позицијата“). Уште полесно е да се употребат трите „волшебни зборови“ што ги научив од дечињата на наши пријатели од Сараево – „молам“, „благодарам“ и „извини“, иако од лично искуство знам дека третиот „волшебен збор“ најтешко се изговара. Зарем цел мандат/живот ќе го поминат со грижа на совеста за тоа што не го направиле, а требале да го направат? (Некаде прочитав една мудра изрека дека „секој е крив за сето добро што не го направил“.) За да го сочуваат личното достоинство прво што треба да направат пратениците од „позицијата“ е да прозборат во свое име и да им се извинат на колегите/колешките. Потоа, за да го сочуваат достоинството на Собранието и на народните пратеници, да побараат одговорност за тоа што се случило. За тоа не ни се потребни дополнителни странски инвестиции, за кои така жестоко се испокаравме. Потребно е само да се вратиме кон изворното и човешкото во нас и да ја превземеме одговорноста за сопственото однесување.
Секако, улогата на лидерите на политичките партии е огромна во создавањето на амбиент во кој ќе се одвива природниот процес на трансформација на моќта во одговорност. За тоа ни се неопходни лидери кои искрено ќе бидат посветени на барањето на тоа што не поврзува, што ни е заедничко, а не на тоа што не раздвојува. Во тој случај има надеж за демократијата и слободата во Република Македонија во што сите се колнеме. Само на таков начин ќе можеме многу полесно да се фокусираме на создавање на подобра иднина за сите нас, а наредните поколенија наместо да се срамат од нас, ќе се гордеат со нас.
Мичо Јанчев, Виена