На 6-ти април 1993 година, во организација на ЦОПИС-НТ и Стопански Весник од Скопје како и ЦОПИС од Сараево, беше одржана промоцијата на акцијата „Во потрага по алката што недостасува“. На промоцијата учествуваа 30 еминентни личности од општествениот, стопанскиот и научниот живот на Р Македонија, три од Сараево и седум претставници на сретствата за информирање (Стопански весник, МТВ и ТВ А1). Самата промоција, како и акцијата која се промовираше, по многу нешта беше уникатна. Прво, според изборот на учесниците – конкретни личности, од триесетина организации (научни институции, претпријатија, самостојни дејности исл.), кои однапред беа детално запознаени со целите на акцијата. Второ, по интердисциплинарноста на учесниците – практично беа опфатени скоро сите професии (економисти, машинци, информатичари, правници, политиколози, новинари, архитекти и уметници…). Трето, според искажаниот интерес и личниот придонес на учесниците – практично сите учествуваа во дискусиите – така да промоцијата траеше двојно подолго отколку што беше предвидено. (Подетално за учесниците и самата промоција може да се пронајде во СВ, број 1775 од април 1993). За да се потсетиме за што поточно стануваше збор можеби е најдобро да проследиме дел од разговорот кој го водеше новинарката на Стопански весник Лила Беловска со мене, како иницијатор на акцијата. (Комплетниот разговор е објавен во СВ број 1774, од март 1993).
ЛБ: Како дојдовте на идеја оваа акција да ја наречете „Во потрага по алката што недостасува“?
МЈ: Називот на акцијата е мошне „поетичен“ и, би се рекло, недоволно „сериозен“ во однос на материјата што ја третира. Меѓутоа, од друга страна, тој може да биде и „пресериозен“ бидејќи во самиот старт ја расчистува дилемата дали нешто ни недостасува и се свртува кон барањето на тоа што ни недостасува.
ЛБ: Кому е таа, пред се, наменета?
МЈ: … Таа е наменета на луѓето кои, во најмала рака, се збунети од тоа што им се случува, кои се фрустрирани од резултатите кои се … сите знаеме какви и кои, во таква ситуација, се обидуваат да пронајдат некој логичен одговор на своите дилеми и проблеми.
ЛБ: Се добива впечаток дека Вие поаѓате со теза дека нам сигурно нешто ни недсостасува и дека во потрагата по тоа „нешто“ многу го потенцирате „личното“.
МЈ: Потполно сте во право! Тоа ми е една од главните цели – да се поттикне, да се испровоцира токму тоа – „личното“. Доволно е да ги споредиме нашите резултати со подобрите од нас, ќе видиме колку „алки“ ни недостасуваат …
ЛБ: Не мислите ли дека е тоа малку „опасно“, бидејќи сите ние сме, повеќе или помалку, суетни и не ни е сеедно кога некој ќе не „чачне на лично“?
МЈ: И тука сте во право! Тоа е реална опасност која не смее да се потцени. Човекот е најосетливата, или, како стручно велат, „најмеката варијабла“ во деловниот систем.Тој останува збунет и се обидува да му се спротистави на „организираниот хаос“… Од друга страна, само тој може да ги амортизира драматичните последици од промените кои се случуваат околу него. Само тој може себе си да си помогне.
ЛБ: Многу инсистирате на промените и на последиците од нивното игнорирање. Можете ли да наведете некој аргумент во прилог на Вашето „драматично“ укажување на нив?
МЈ: Промените се случуваат секојдневно. Кој тоа го занемари – практично е готов! Од исклучителна важност е да се сфати интензитетот и динамиката на технолошките промени и нивното влијание врз другите области на човечкото делување. Некои историски податоци, од денешна дистанца, изгледаат неверојатни… Сето тоа е објективна последица на револуционерните промени во технологијата… Да се биде револуционерен на таков начин значи дека би требало да сте добро наоружани и да знаете да ракувате со оружјето кое се вика знаење. А тоа не е воопшто лесно. Тоа е процес, тежок процес, кој бара исклучителен напор и од „предавачот“ и од „приемачот“ на знаењето.
ЛБ: Зошто мислите дека е толку тешко да се врши трансфер на знаењето?
МЈ: Знаењето е, по својата суштина, „инертно“. Од друга страна, знаењето го бара тоа што најмалку го имаме: пари, време и труд – сите три компоненти истовремено! За парите е најлесно – можат и да се позајмат. Времето е многу покритично – посебно за раководителите кои патат од „хроничен“ недостиг на време – што е организационен проблем. Најкритична компонента е, без сомнение, трудот кој треба да се вложи за да се научи нешто – а тоа е во потполност индивидуален проблем.
ЛБ: Би било добро да им се објасни на нашите читатели како е замислено да се одвива „потрагата по алката…“
МЈ: „Потрагата“ ја сфаќаме како процес, а не како еднократна акција. За таа цел ќе бидат користени различни написи (постојана рубрика во „Стопански весник“), семинари и Тркалезни маси… Сакаме да ги нападнеме проблемите од повеќе страни, затоа ќе се обидеме да употребиме интердисциплинарни знаења, „гарнирани“ со искуства од практиката. Сето ова претставува дел од еден пообемен проект кој го нарековме „Иновирање на знаењето на деловодните структури“.
ЛБ: Многумина се убедени дека не е сега време за „продавање на памет“. Многу факти одат во прилог на таквите сфаќања. Вие, очигледно, не го делите таквото мислење?
МЈ: Напротив! Тие што така размислуваат се реалисти. Или, да го парафразирам Бернард Шо: „Паметните се приспособуваат кон светот, а оние другите – се обидуваат да го променат“. Кога би биле сите „паметни“ ништо не би се променило. Човештвото, сепак, оди напред – тоа е спиралата на прогресот.
ЛБ: На крајот, што Вие очекувате од оваа акција?
МЈ: … Очекувам оваа акција да придонесе во создавањето на амбиент во кој се повеќе ќе се размислува дека навистина, на сите нас заедно и на секој од нас поединечно – нешто ни недостасува. Убеден сум дека сите заедно можеме многу повеќе отколку што претставува простиот збир на секој од нас поединечно. Сакам да се создадат што повеќе и што појаки тимови кои ќе се фатат во костец со сериозниот противник – промените!
Сигурно е интерсно денес, од оваа пристојна историска дистанца, дa направиме кратка анализа на очекувањата и постигнатите резултати. Во тие мои размислувања, некако потсвесно ми се наметнува една мисла на Драгослав Андриќ (познат поет и заљубленик во шаховската игра): „Само дајте му на времето малку време и тоа ќе најде начин да ве демантира, барем во нешто…“ Изминатите дваесет години секако ја потврдуваат точноста на цитираната мисла.
Промените создаваат проблеми во секоја средина, не само во недоволно развиените. Истовремено, промените се предизвик и шанса за докажување. За проблемите (сфатени како предизвик) треба да се размислува на динамичен начин. Некои проблеми, кои на прв поглед изгледаат исклучително големи, можеби и не се така страшни. Многу работи кои вчера ни биле предност, утре можеби ќе ни бидат недостаток – и спротивно. За тоа треба денес да се размислува. Очебијно кај нас сеуште не е постигнат основниот предуслов за успешна реализација на процесот на вистинските промени – промена на логиката на размислување и начинот на однесување, како на општеството како целина, така и на секој поединец во него.
Поради оптовареноста со днево-оперативни и, во најголема мерка, политички проблеми ние нема(в)ме време да размислиме за суштината на проблемите што ги носат времето и промените, а уште помалку да го обмислиме начинот на нивното решавање. А времето – тој единствен и ненадоместлив ресурс – едноставно си поминува. Времето е, вели Claus Moller, познатиот европски гуру за квалитет, најдемократски распоредениот ресурс на светот: „Секој од нас, секој ден, секоја недела, секој месец, секоја година, има ист износ на време на располагање. Меѓутоа, начинот на неговото користење е сосема различен.” А Peter Drucker, најпознатиот гуру на менаџментот, додава дека суштината на ефективноста е во способноста за управување со времето, што – според него – „може и мора да се научи со вежбање и само со вежбање!“ Тоа е, по се изгледа, најважната алка што, во овој момент, нам ни недостасува.
Длабоко сум убеден дека идеите кои беа втемелени во „потрагата по алката што ни недостасува“ пред дваесет години го издржаа испитот на времето. Зборовите кои ги кажав на промоцијата на акцијата на 6 април 1993 година, се преточија во своевидна лична „химна“ (Што ние сакаме) која ме води и охрабрува во процесот на постојано подобрување, низ барање и пронаоѓање на алките што секогаш недостасуваат.
ШТО НИЕ САКАМЕ?
Во времето
кога не обзема стравот од утрешнината,
кога недоразбирањата се дел од нашето секојдневие,
кога критеријумите за успешност ги спуштивме на ниско ниво,
кога сите некаде брзаат а никој нема време да размисли каде оди,
кога апатијата станува значителна карактеристика на општеството
Што, всушност, ние сакаме?
Сигурно е дека не сакаме да замижеме пред реалноста,
нити да го бараме виновникот за нашите проблеми
со визионарски поглед кон минатото,
воздивнувајќи по старите, добри, времиња.
Уште помалку сакаме да подигаме ѕидови околу себе
за да се одбраниме од неизвесноста
што ја носат времето и промените.
Сеуште немаме намера да дигнеме раце од се,
иако, не еднаш, сме се убедиле
дека нашите поединечни обиди да се направи нешто
изгледаат донкихотски наивно.
Па што тогаш, навистина, сакаме?
Сакаме да ги решаваме проблемите –
прифаќајќи ги како предизвик.
Сакаме да ја совладаме апатијата во општеството –
барајќи мотив кај поединците.
Сакаме да создадеме критична маса на идеи –
кои ќе ги раздвижат промените.
Сакаме да создадеме амбиент –
во кој ќе ги реализираме идеите.
Сакаме да го менуваме амбиентот во кој живееме –
менувајќи се себе си.
Сакаме да го победиме стравот од промените –
одејќи му во пресрет на времето.
Едноставно речено – сакаме да ни биде поарно!
Мичо Јанчев
(Скопје, 06.04.1993)