Минатата година генерацијата на матуранти од 1962 година од гимназијата „Цветан Димов“ од Скопје славеше значаен јубилеј – педесет години од матура. Тоа е, секако, пригодна прилика да се потсетиме на неколку занимливости што ја карактеризираат оваа генерација. Своето школување го почнала во 1950 година, односно токму во средината на 20-иот век. Скоро сите славеници во текот на својот живот променија најмалку три држави и општествени уредувања – родени се за време на Втората светска војна, се образувале и најплодните години од животот ги провеле во СФРЈ, а крајот на својата професионална кариера го дочекале во Р Македонија. Во градењето на нивниот стручен и професионален профил, како и кај секоја генерација, учествувале голем број просветни работници, педагози, учители, наставници и професори. Значителен број од нив, со текот времето, исчезнале од сеќавањата, некои останале во анегдотите што сеуште се кажуваат, а сосем се малку оние кои, едноставно кажано, не се забораваат. За мене, еден од таквите незаборавни легенди е професорот по математика Петар Младеновиќ – Млаѓо.
Иако ми предаваше само во 4-ти клас тој остави неизбрисива трага не само во моето образование, туку и во мојот живот. Според годините беше, приближно, двапати постар од нас. Можеби поради прерано опаднатата коса ми се чинеше дека е постар, меѓутоа, неговата стасита фигура, елегантната облека, природната насмевка и продорниот поглед, како и истанчаниот смисол за хумор, го правеше исклучително привлечен. Не беше ниту малку загреан за спорт (иако еднаш беше виден на фудбалска утакмица, каде го доведе професорот по социологија Стојче, загрижен навивач на „Вардар“), ама на Гимназијадите, кои ги имавме во тоа време, знаеше здушно да ги бодри нашите спортисти, а понекогаш и да подели некоја повисока оценка за добар потез или поволен резултат.
Истовремено важеше за еден од најстрогите професори. Беше извонредно точен и педантен, а тоа го бараше и од другите. Не дозволуваше закаснување на час (исклучок направи само еднаш!), никакви реметења на наставата, неуредност на книгите, тетратките и приборот за пишување. Кај него сите мораа да имаат големи тетратки (А4 формат), добро наострени моливи, посебен молив за подцртување со црвена и плава боја, а употреба на гумица за бришенње беше забранета. Таблата, се подразбира, мораше да биде добро изгланцана, а кредата со која пишуваше секогаш ја остреше со својот нож, спомнувајќи ги често мустаќите на Клерк Гебл, „тенки како хируршки нож“.
Сето тоа претставуваше нужна подготовка за неговите предавња. Додека тој ја објаснуваше лекцијата никој не смееше ништо да пишува, туку само внимателно да прати и, евентуално, да побара некое појаснување. После тоа, заради потсетување, се разработуваа карактеристични примери, со запишување на потребните поими и дефиниции, со потцртување на клучните делови (со плава и/или црвена боја). Тоа што беше посебно важно го обележуваше со буквите В.В. („Врло Важно“). Секоја нова лекција почнуваше на нова страница, а ако се работеше за нова тематска целина, мораше да се свитка еден празен лист во тетратката. Колку изврсни беа неговите предавања и вежби можеби најдобро зборува и фактот дека, триесеттина години подоцна, од моите тетратки можеа да учат и моите деца!
Домашната работа беше посебна приказна. Покрај задачите кои беа обврзувачки за сите, тој даваше и по неколку дополнителни задачи „за оние кои ја сакаат математиката“. А такви, барем во нашиот клас, имаше поприличен број. Задачите беа доста вицкасти, бараа потполно вдлабочување во материјата и доста труд да би се решиле. А Млаѓо беше подготвен во секое време и на секое место да продискутира со нас за некоја конкретна задача – дури и на улица знаеше да извади креда и да почне да пишува по тротоарот! А задоволството од решената задача беше навистина огромно. Подоцна, многу пати, кога сакав некому да објаснам што значи да се биде исполнет со задоволство после некоја успешно завршена работа, го истакнував примерот на професорот Младеновиќ и задачите наменети „за оние кои ја сакаат математиката“. Меѓутоа, не бев секогаш сватен што сакам да кажам, затоа што, не ретко, наидував на луѓе на кои не можеше да се примени спомнатата формула, односно љубовта кон математиката.
Без сомнение, ретко се сретнува човек кој толку ја сакаше својата професија, или едноставно кажано, кој беше вистински вљубен во својата работа. Можеби токму од тоа произлегуваа и конкретни, мерливи резултати. Гимназијата „Цветан Димов“ беше скоро редовен победник во поединечна или екипна конкуренција на средношколските натпревари по математика во Македонија. Од нашата генерација, која беше екпериментална во воведувањето на смерови („јазичен“ и „природно-математички“) во гимназиите во Македонија, многу матуранти се определија за некој од техничките факултети. По катострофалниот земјотрес во Скопје (1963 година) одреден број студенти од Скопскиот универзитет ги продолжи студиите во други градови во Југославија (Белград, Загреб, Љубљана) и Европа. Фактот дека нити еден студент, ученик на професорот Младеновиќ, не паднал на испит од математика, можеби најмногу зборува за неговата големина. Најверојатно, токму тоа претставуваше вистинска сатисфакција за нашиот професор, која му даваше дополнителен мотив и снага да со младешка енергија продолжи со својата благородна работа, се до своето пензионирање.
Нашата генерација, почнувајќи од 1977 година, секои пет години ја одбележува годишнината од матурата, а професорот Младеновиќ со своето присуство даваше посебен штимунг во тие прослави. За жал, многу ќе ни недостасува на оваа наша јубиларна прослава. Меѓутоа, неговиот лик остава неизбришив траг во сеќавањата., особено кај „тие што ја сакаат математиката“.
Професор Петар Младеновиќ – основни биографски податоци
Роден е на 10-ти октомври 1924 година во околината на Врање. Гимназија завршил во Ниш, а студирал во Скопје и Белград . Предавал во Виша социјална и Виша жележничка школа, како и во гимназиите „Цветан Димов“ и „Орце Николов“ во Скопје. Коавтор на книга решени задачи за гимназија. Како професор беше учесник и составувач на задачи на математички Олимпијади во Југославија. Почина во 2011 година.
Mичо Jaнчев, Виена